Северна Македонија ќе го продолжи преговарачкиот процес со Европската Унија откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, што е предвидено со Преговарачката рамка и со заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, се наведува во заклучоцоте усвоени на денешното заседание на Советот за општи работи на Унијата.
„Советот ја повикува Северна Македонија да го забрза усвојувањето на овие измени, по што Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, во согласност со Преговарачката рамка. Советот ги охрабрува сите партии во Собранието да се фокусираат на унапредување на реформите поврзани со ЕУ и процесот на пристапување во Европската Унија“, се наведува во заклучоците.
Како што изјави еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји по заседанието на ГАК, усвоените заклучоци се фундаментални за напредокот на политиката за проширување и со нив се потврдува напредокот на 10-те кандидати за членство и се испраќа јасна порака за посветеност на проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, Турција, Украина, Молдавија и Грузија.