Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес, учествуваше на дискусијата, организирана од страна на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) на тема „Како да се убедат Европејците за проширувањето на ЕУ“.
Како повод на дискусијата, на која Османи учествуваше заедно со Лике Фрис, копретседавач со ЕЦФР и директор на данскиот тинк тенк Еуропа и Енѓељуше Морина, виш политички аналитичар на ЕЦФР, е истражувањето на ЕЦФР, кое е објавено денес, а спроведено во шест земји членки на ЕУ (Германија, Франција, Данска, Австрија, Полска, Романија) пред овонеделниот Самитот на Унијата на кој ќе се расправа за проширувањето. Осврнувајќи се на истражувањето на јавното мислење во земјите членки на ЕУ, министерот Османи упати повик до лидерите на ЕУ, но и до земјите кандидати, со заеднички напори, да се убедат граѓаните и пошироката европска јавност во нивниот сопствен интерес од влезот на идните земји членки.
Османи ги сподели и резултатите од истражувањата на јавното мислење во нашата држава, подвлекувајќи дека долготрајноста на евроинтеграцискиот процес и претходните услови од билатерална природа доведоа до надолен тренд на поддршката на нашите граѓани за пристапувањето во ЕУ. Во тој контекст, Османи ја презентираше тезата дека одолговлекувањето на пристапниот процес има негативни последици по социјалната динамика, при што ефектот од забавената ЕУ интеграција раѓа т.н. „развојна зависност“ меѓу преговорите и реформите, со негативен предзнак.