Вицепремиерката бара акција: САД ‘црна листа’ за Кочо Анѓушев

Домашните институции да ги преземат сите неопходни мерки, бара вицепремиерката Славица Грковска откако екс вицепремиерот Кочо Анѓушев вчера беше ставен на американската „црна листа“. Најави дека санкциите од САД наскоро ќе се најдат и во закон.

Од Антикорупциската комисија барале разрешување на Анѓушев во 2019 година, кога утврдиле судир на интереси затоа што учествувал во расправата и носењето на владината одлука за намалување на царината за увоз на литиумски батерии, а при тоа неговата фирма се бави со увоз на литиумски батерии.

Но, од владата понатаму не е преземено ништо, не добиле ниту известување дека тоа не е судир на интереси, а тој и понатаму продолжил да биде дел од техничката влада.

Стејт департментот ги стави Анѓушев и неговото семејство на „црна листа“ поради неговата вмешаност во значителна корупција и ги означи како генерално неподобни за влез во САД. Во соопштението се вели дека, додека ја извршувал функцијата вицепремиер, ја злоупотребил својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во владините институции.

Тој, пак, веднаш најави дека ќе ја обжали одлуката. Кажа дека има фирми во Велика Британија, Германија, Холандија и во САД, и е американски даночен обврзник, како и партнер и соработник со значајни економски субјекти и личности во САД.

Анѓушев има фирма во Сан Диего, односно филијала на велешката „Грин Машинс“, која призведува современи возила за одржување на хигиена во урбани средини. Минатата година претставници оттаму беа на обука во Велес.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*