„ОБСЕ е спасено. Имаме сигурна и функционална организација“.
Со овие зборови, претседавачот Бујар Османи, ја почна завршната прес конференција на која објави дека е постигнат консензус, иден претседавач да биде Малта, како и да биде продолжен мандатот на четирите лидерски позиции во ОБСЕ, за девет месеци.
За постигнатиот консензус, нескромно изјави дека е резултат на успешната дипломатија на македонското претседателство со организацијата. Малтешкиот министер и иден претседавач се заблагодари на довербата.
Изборот на Малта како следен претседавач со ОБСЕ е постигнат по неколкуте неуспешни обиди да се постигне консензус за Естонија – поради ветата кои ги доби од Русија и од Белорусија. Во 2025 година, пак, едногодишното претседавање на ОБСЕ ќе го води Финска.
Со ова заврши и 30-от Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, на кој учествуваа околу 1.000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.