Ковачевски очекува во понеделник конструктивна лидерска, без уцени, на која ќе се разговара за датумот за одржување на парламентарните и претседателските избори, но и договор за измените на изборниот законик.
Премиерот посочи дека нема консензус за укинување на техничката влада сега, туку од следните избори. Според него, тоа не треба да претставува пречка, туку го смета за уште поголем демократски амбиент, посочувајќи дека на опозицијата и било понудено да учествува во владата заради продолжување на европскиот пат.
Тоа што Ковачевски не се откажува од техничката влада значи дека од ДУИ му забраниле да се откаже од идеја премиер Албанец, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. Според опозицијата, ова било потврда дека со Владата управува ДУИ. Власта не се откажува од дијалогот за уставните измени, бидејќи како што вели Ковачевски, тоа е обврска од преговарачката рамка и дека процесот не завршува на 31-ви декември.
За опозицијата, како што велат, оваа тема е одамна затворена и не прифаќаат отворање на Уставот. Средбата на лидерите на парламентарните партии ќе се одржи в понеделник напладне во Собранието, а поканет е и спикерот Џафери.