Премиерот Ковачевски ја закажа лидерската средба за в понеделник, опозицијата дознала од медиумите. За ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив датумот, а на лидерската очекуваат конечно да се прецизира терминот за избори, да се прифатат забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и да се разговара за нивното барање за укинување на техничката влада.
„Лидерска средба е секако прифатлива за в понеделник, на која очекуваме да се разговара конечно за прецизирање на датумот за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ. Воедно бидејќи се одлучи за комуникација преку медиуми, замолуваме средбата да биде по 11 часот в понеделник бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ има часови со студентите на Машинскиот факултет каде што работи како редовен професор“, изјави Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Преку соопштение, СДСМ соопшти дека средбата на лидерите на парламентарните партии е закажана за во 12 часот. „Жалиме што ќе мора да му ја нарушиме агендата на Христијан Мицкоски, кој очигледно, како што потврдува неговата ДПМНЕ, работи само два часа во текот на денот, од 9 до 11 часот. Средбата в понеделеник, 4-ти декември 2023 година, ќе биде во 12 часот“, пишува во соопштението на СДСМ.
Сè поизвесно е дека парламентарните избори и вториот круг од претседателските ќе се одржат на 8-ми мај.