Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, во интервју за „А1он“ вели дека партијата што тој ја предводи е подготвена по престојните парламентарни избори да преговара со ВМРО ДПМНЕ за формирање заедничка влада.
По новинарската констатација дека не може да се очекува СДСМ да биде нивен партнер, Апасиев директно прашан за став околу потенцијална коалиција со ВМРО ДПМНЕ по изборите, одговори дека сите опции се отворени.
„Ќе ги видиме условите. Ние преговараме принципиелно, ниту прв, ниту последен пат. Ви кажав, ние сме прагматични, ние сме идеалисти до одредена граница и потоа прагматизмот не ни е туѓ, ние го покажавме тоа кога седнавме да ја куткаме владата на СДСМ и ДУИ. Таму имаше десничарски партии. Така што, ние сме незгодни играчи и после избори, сите опции се отворени“ рече Апасиев.
Тој посочи дека Левица има принципи кои ако ВМРО ДПМНЕ не ги прифати, соработка нема да има, вели Апасиев.
„Дури и да останеме опозиција, дури и да влеземе во влада и тоа да влеземе – моќта на уценување од ДУИ да премине кај Левица, тоа е нашата визија за изборите. Но, ако тоа не успее, ќе бидеме живи и здрави и ќе истераме уште еден опозициски мандат ако треба. Ние не сме по секоја цена да дојдеме на власт. Имаме принципи, ако ДПМНЕ не ги прифати тие принципи, терајте си, бркајте си работа“.
Интервјуто на Апасиев за „А1 он“ е објавено пред четврточниот настап на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Канал 5 во кој не ја исклучи можноста Левица да учествува во наредната влада.