Ќе продолжат средбите на социјално-економскиот тим во Владата со претставниците на синдикатите и согласно буџетските можности ќе бидат реализирани нивните барања, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања за протестите организирани од повеќе синдикати.
Тој нагласи дека дијалог имало и досега и оти од таквите средби произлегол нов општ колективен договор, со кој платите во јавниот сектор се зголемени за 10 отсто, а предвидено е и исплата на К-15.
“Тимот којшто работи на социјално-економскиот тим во Владата имаше и ќе има средби со претставниците на синдикатите, така како што имало и во минатото. Вие знаете дека низ такви средби, низ таков дијалог успеавме да дојдеме до нов општ колективен договор, којшто предвиде и беа направени зголемување на платите за 10 проценти во целиот јавен сектор и предвиден е К-15 за оваа година”, рече Ковачевски кој беше во посета на компанија во Скопје.
Во однос на работната група за намалување на платите на функционерите, рече дека тие пари не можат да ги покријат барањата што постојат. Работната група, додаде, се уште не излегла со предлог, но и оти за функционерските плати требало да се променат седум закони.
За најавите од некои институции дека нема да работат, тој изрази надеж дека нема да дојде до парализирање на цела држава, нагласувајќи дека тие платата ја добиваат од граѓаните, кои очекуваат услуга од нив.