“Очекувам сите министри да бидат присутни на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје. Одлуката на ЕУ за санкции за прелети на руски авиони не се однесува на настани од мултилатерален карактер како што е ОБСЕ”, изјави министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи во врска со прашањето на учеството на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
По однос на државниот секретар на САД Ентони Блинкен, повтори дека се очекува негово учество.
“Немам индикации досега дека нема да дојде. Значи, ние се спремаме за доаѓање на државниот секретар на САД”, подвлече Османи.
За тоа до каде е постигнувањето консензус за претседавач на ОБСЕ за наредната година, тој подвлече дека тоа е убедливо најважното прашање во ОБСЕ, бидејќи без претседавач Организацијата нема политички мандат да продолжи да работи и оти постојат неколку сценарија.