Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ постави уште една одредница во градењето на односите со граѓанското општество преку воспоставувањето на Експертската мрежа на ОБСЕ, истакна претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи на денешниот настан организиран во рамки на Претседавањето со ОБСЕ „Стратегиско предвидување во променлива средина: Перспективи за соработка и безбедност во Европа – Градење на експертска мрежа на ОБСЕ“ што се одржува во Скопје.
Оваа мрежа, како што посочи Османи, има за цел да ги истражи бројните динамични трендови на соработка во областа на безбедноста во Европа и клучната улога што ја имаат организациите како ОБСЕ и тинк-тенковите во обликувањето на политиките во овој критичен домен.
“Северна Македонија, вклучително и МНР имаат модел за консултации и соработка со тинк-тенкови кои можеме да ги споделиме. Модел кој претставува формална точка за консултации и дијалог за развој на политики, што нуди редовни можности за средби меѓу креаторите на политиките и истражувачите на политиките, модел кој служи како платформа за размена на идеи, податоци и анализи”, истакна Османи.
Тој посочи дека учесниците во Експертската мрежа на ОБСЕ ќе се фокусираат на неколку прашања коишто влијаат на безбедноста, како што се сајбер заканите и нападите и зајакнување на подготвеноста за соодветен одговор.