Судската пресуда во случајот „Фероинвест против ИРЛ“ предизвика реакции за слободата на медиумите

Ништо ново, уште еден во низата напади врз ИРЛ и врз независноста на медиумите и слободата на говорот, вели за МТВ Цветковска од ИРЛ за последната пресуда на Граѓанскиот суд во случајот „Фероинвест против ИРЛ“.

Но, за судот, ИРЛ нема својство на медиум, а неговите членови не може да се претставуваат како новинари. Ова предизвика низа реакции, и од еснафските здруженија, и од функционери.

Претседателот Пендаровски вели дека не смее да има етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми како во минатото, бидејќи таквите процеси не довеле до демократски развој. Слободата на медиумите е директно поврзана со степенот на демократијата, укажува претседателот.

„Граѓаните имаат право да очекуваат судиите кога пресудуваат да ја почитуваат слободата на изразување, правото на граѓаните да бидат информирани за теми од јавен интерес и да му дадат приоритет на јавниот интерес наспроти поединечниот интерес, особено кога се работи за прашања кои го засегаат големото мнозинство од општеството. Во таков случај, во јавен интерес е јавноста да биде запознаена со релевантни факти од значење за тие прашања“, вели Пендаровски.

Судот не смее да кажува кој е новинар, тоа е директно загрозување на слободата на изразување, реагираат од ССНМ. Претходно и Здружението на новинарите ја окарактеризира пресудата како опасен судски преседан кој штети на независноста на медиумите и е во колизија со Советот на Европа.

Воедно, оттаму велат и дека пресудата може да се толкува како повик до извршната власт за институционална пресметка со критичните медиуми.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*