Историски момент: Прво обраќање на премиерот Ковачевски пред УНЕСКО со гордост за македонскиот јазик

Македонија е мултикултурна реткост и придонесува во ефикасен мултилатерализам, истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на 42-та Генерална конференција на УНЕСКО во Париз.

Премиерот Ковачевски е прв премиер од Република Северна Македонија што се обрати во УНЕСКО, по 30-годишното членство на нашата држава во Организацијата на ОН за образование, наука и култура.

“Огромна е честа да бидам првиот премиер од Република Северна Македонија кој се обраќа од оваа говорница. Задоволството е дотолку поголемо, што ова обраќање се случува во годината кога, како независна и самостојна држава, одбележуваме и триесет години членство во УНЕСКО”, истакна Ковачевски.

Тој посочи дека овие два исклучителни важни моменти за нашата современа историја го обврзуваат ова прво премиерско обраќање да го направи на мајчиниот македонски јазик. Воедно, како што истакна, нашата соработка со УНЕСКО датира од 1979-та и 1980-та година, кога нашиот бисер Охридскиот регион, влезе под закрилата на УНЕСКО.

И, денес, додаде тој, со гордост е вброен меѓу вкупно 39-те културни и природни наследства во светот. Говорејќи за принципите на кои Македонија ја води својата надворешна политика, Ковачевски рече дека тие се израз на внатрешната политика на земјата за градење и одржување на мултикултурна демократија и постојана инклузивност на различностите во демократските процеси, заштита и унапредување на човековите права и правата на различните етнички заедници и ранливите групи.

Културата на дијалог и компромиси, иако базирана на превенција на спорови, оди рака под рака со нашата приврзаност кон активниот и ефективен мултилатерализам.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*