Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска пред медиумите укажа на, како што рече, креираната перцепција оти секаде во институциите каде има вработено Албанци, дека тоа значи присуство на ДУИ во нив.
Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција по средбата со претставникот на НАТО, Хаивер Коломина, Османи во врска со обвинувањата на албанскиот опозициски блок за наводно политичко влијание на ДУИ врз судството, како и за поврзаност со судиите на Врховниот суд, рече дека не сите Албанци вработени во институциите се кадровици на ДУИ.
За тврдењата на албанската опозиција дека во редовите на ДУИ постои стравување од евентуално враќање на поранешниот премиер Никола Груевски на домашната политичка сцена, тој рече дека тоа се внатрепартиски превирања во самата партија ВМРО-ДПМНЕ, а неговата партија нема никакви интереси од она што се случува кај поранешниот коалициски партнер.
“Тоа е внатрепартиска битка во ВМРО-ДПМНЕ, таму постои страв од враќање на Груевски. Зошто се возбудуваат малите албански партии за ВМРО… ДУИ е посилна е од кога било, ќе излезе на избори, ќе победи, бидејќи Албанците не наоѓаат друг комодитет освен кај ДУИ и Али Ахмети”, кажа Османи.
Во врска со наводите на опозициските партии од албанскиот блок за откажување на ДУИ од напорите за изгласување на уставни измени, Османи е дециден дека партијата ќе направи се што може за реализација на уставните промени.