Работната група формирана од Министерството за правда ги усвои измените на Изборниот законик, но не се усогласи за политичкото рекламирање. Агенцијата за медиуми предложила да нема политичко рекламирање за разлика од Државниот завод за ревизија.
Измените се однесуваат и на финансирање на политичките партии и заштита на избирачко право, врз основа на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Измените претходно беа испратени до сите политички партии, вклучително и до ВМРО-ДПМНЕ, која одби да учествува во изготвувањето.
Претседателот на работната група за реформи во изборното законодавство, Александар Новаковски за Телма информира дека за политичкото рекламирање одлука ќе треба да донесе Владата, па Собранието. Пред средбата тој порача дека сите засегнати биле повикани да учествуваат во изготвување на измените.
„Оваа работна група имаше мандат само за препораките ан ОБСЕ/ОДИХР. Сите кои може да бидат имплементирани се имплементираа. Некои не може да се имплементираат. Не се компатибилни со нашиот изборен законик“, рече Новаковски.
На прашање како ќе се донесат измените, бидејќи Изборниот законик се носи со консензус, заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ одговори дека опозицијата била повикана повеќе пати, а и било понудено и претседателското место во групата.
„Нивното неприсуство не значи дека ние нема да бидеме некооперативни и дека на координаторот на пратеничката група нема да му го доставиме предлог законот. Нема да има нови работни групи. Тој ќе си се достави до парламентарните групи да го погледнат“, изјави Мадиќ.
Новаковски смета дека ќе има доволно време за имплементација на измените. На истиот став е и Мадиќ.