Преседаните во Македонија стануваат практика, вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, го коментираше ставот на премиерот Ковачевски и претседателот на ДУИ, Ахмети кои одбиваат лидерска средба со опозицијата за да се утврдат датумите за претстојните избори. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ предупредува – на овој начин државата може да влезе во политичка и уставна криза, но како што посочи Мицкоски, кога СДСМ и ДУИ ќе бидат во опозиција, сите овие преседани ќе станат практика. И здружената албанска опозиција бара парламентарните и претседателските избори да се одржат во еден термин, бидејќи според нив, економската ситуација во државата налага тие да се организираат во еден трошок. Ковачевски и Ахмети го одбија ваквото барање. За лидерот на интегративците приоритет се уставните измени, за што Ахмети уште еднаш повтори дека е подготвен да ја напушти и власта, ако ВМРО- ДПМНЕ гласа за внесување на бугарите во највисокиот правен акт. На иста линија и премиерот Ковачевски, кој вели дека останува на понудата од последната лидерска средба. Опозицијата да гласа за уставни измени и веднаш да се распишат предвремени избори.