Допрва доаѓаат тешките денови за Македонија, кога станува збор за спорот со Бугарија, но затоа требаше да мислат оние кои го прифатија анексот во Договорот за добрососедство, а отворањето на Уставот е пандорина кутија.
Ова е коментарот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по изјавата на министерот Османи дека е прилично сигурен оти Бугарија постојано ќе формулира нови барања кон нашето зачленување во Европската унија. Требаше да мислат и бирократите од Брисел за тоа што нашите политичари прифаќаат-нагласува Мицкоски. „Јас верувам во добрите намери на нашите стратешки пријатели, верувам во добрите намери и на Вашингтон и на Брисел и на Лондон и на Париз и на Берлин и на Рим и останатите, но не можам да верувам во добрите намери на официјална Софија, а за жал договорот којшто го прифатија е тотално асиметричен и е во согласност со бугарските позиции целосно коишто се ништо друго освен вековниот руски интерес на Балканот“, нагласи мицкоски.
За најавата на премиерот Ковачевски дека социјал-демократите ќе поднесат амандмани на Законот за амнестија, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ коментира дека е скандалозно што во Владата најверојатно премиерот не ги чита законите кога се разгледуваат. Не може премиер на штотуку излезен Закон од влада да најавува амандмани во Собрание-заклучува Мицкоски.