Приказната за тајните средби за измените на Кривичниот законик кој донесе своевидна амнестија за функционерите-криминалци доби и дигитална димензија. Ја внесе опозицискиот лидер кој во интервју за Алсат, на прашање кој од ДУИ тајно преговарал со неговиот претходник во ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, одговори со ново тврдење. За УСБ-а.
„Прашајте ги Али Ахмети и Талат Џафери какви УСБ-а добиле пролетта 2022-ра. Што има во нив, прашајте ги нив“, рече Христијан Мицкоски,претседател на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Алсат. Опозицискиот лидер ниту денеска во Брвеница не даде повеќе детали, освен дека во тие УСБ-а имало два од три документи.
„Па еве ќе ги прашате и Талат Џафери и Али Ахмети за содржината на тоа УСБ, на тоа плико и каков документ имало во тоа плико и јас ќе ги следам внимателно нивните изјави и внимателно ќе следам дали ќе ја кажат вистината. Еве да оставиме тие да ја кажат вистината, бидејќи тие ги добиле два од трите документи“, нагласи Мицкоски од Брвеница.
Параламентарниот претседател Џафери во телефонски разговор за Телма ги негираше овие тврдења на Мицкоски и ги прогласи за шпекулација со дневно – политичка употреба. -Апсолутно неточно. Чиста шпекулација за дневно политичка потреба. Ниту имам потреба да добивам ниту да примам било какво УСБ. Ако има нешто нека докаже. Пред кого сака, пред Господ, пред Алах, пред држава, нека почнат постапка и нека докажат дека Талат Џафери примил УСБ. Чиста шпекулација, ни изјави Талат Џафери, претседател на Собранието. Дали тие дигитални уреди ќе бидат презентирани во јавноста и дали содржат детали за измените на кривичниот законик, засега без одговор од Мицкоски.