
Не запираат острите критики за измените на Кривичниот законик. Според првиот човек на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска со измените, повторно била злоупотребена можноста за усвојување легислатива по скратена постапка, а тие ќе придонесат за поголема неказнивост.
„Сето тоа што го слушаме од страна на носителите на јавни функции, дека се спремни да се борат против корупцијата, веќе сметаме дека тоа е само декларативно. Заради тоа што на овој начин само се потпалува корупцијата, се зголемува можноста за тргување со влијание и за партиски пазарења“, рече Ивановска.
Според Ивановска, измените се избрзани. Таа вели дека наместо да се намалува казната на оние што се огрешиле пред законот, требало да се одредат реперкусии за судиите и обвинителите што не постапуваат во одредените рокови „Напротив, со ваквите решенија, ние можеме само да им пренесеме порака на коруптивните ликови во државата дека им се исплати корупцијата“, додава Ивановска. Експертите пак, велат дека со измените граѓаните се помалку ќе пријавуваат корупција. Од Здружението на правници сметаат дека најпрвин требало да се измери општествената штетност, особено што станува за тешки предмети покренати од тогашното СЈО.
„Имаме ТНТ, Талир, Трезор, Дизајн, Топлик, Титаник, Тендери, Титаник 2, Траекторија, Шпански скали, Таргет-Тврдина и предметот на Стевче Јакимовски. Повеќе од 80 лица што се обвинети во овие предмети нема да бидат кривично гонети“, рече Александра Цветановска – Здружение „Млади правници“. Директорот на американскиот Национален демократски институт, Роберт Скот на дебатата иницирана од невладината организација „Солуција“, оцени дека измените биле донесени набрзина без да се консултираат експерти и да се организира широка јавна расправа.