Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска се сретна со специјалниот претставник на Сојузната Влада на Германија за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин. На средбата присуствуваше и заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.
На средбата, специјалниот претставник Сарацин ја потврди силната поддршка на германската Влада за натамошниот напредок на Северна Македонија на евро-интеграцискиот пат и ги реафирмираше заложбите и очекувањата на Германија државата да продолжи забрзано во таа насока.
Премиерот Ковачевски се заблагодари на континуираната поддршка од Германија, потенцирајќи ја важноста на Резолуцијата на германскиот Бундестаг, со којашто се потврдува силната германска поддршка на Северна Македонија за влез во ЕУ со нејзиниот македонски идентитет, јазик, култура и историја како дел од целокупниот мозаик на европската култура. При тоа, премиерот Ковачевски го истакна очекувањето од Германија, како најголема ЕУ членка, и натаму да игра клучна улога за европската иднина на земјите од Западен Балкан.