За првпат во историјата на независна Македонија една државна институција како што е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација бара судска заштита против државна институција, во овој случај против МОН, како орган на Владата. Тужбата ќе биде во најскоро време доставена до судот, вели Бендевска.
„Нашиот закон е LEX GENERALIS кој вели заштита од дискриминација на највисоко ниво дава судот. Судот е оној кој дели правда и навистина ајде да го тестираме судот. Ние како експертско тело најдовме дека се работи за најтешка форма на дискриминација која опфаќа многу голем дел ученици од основно образование“, изјава Весна Бендевска, претседателка на Комисија за спречување и заштита од дискриминација.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе започне со стратешко застапување на интересите на основците против МОН, доколку имаме предвид дека веќе четврта учебна година одреден број на ученици се без основното средство за стекнување на знаење.