Армин Лашет во посета на Скопје

Западен Балкан е заглавен на европската чекалница, Европската Унија да го впише на листата пред Украина. Ваква порака од Скопје испрати Армин Лашет поранешниот лидер на германската ЦДУ\ЦСУ и екс заменик на Ангела Меркел. Кажа дека евроскептицизмот расте дури и во Германија и дека е време Брисел да постави нови приоритети, за да се врати кредибилитетот на целиот процес на проширувањето. Според Лашет, многу луѓе во Унијата, се против нови членки и треба допрва да се убедуваат.

„Ни треба да поставиме приоритети. Има многу луѓе кои се скептични и се против проширувањето. Ова е интересен процес. Тие се дел од унијата, дел од владите, сакаат да бидат дел од Европската унија, меѓутоа се против нови земји членки и затоа мора да убедиме многу луѓе во врска со процесот на проширување,“ – вели Лашет.

Германскиот пратеник порача дека решенијата за историски спорови меѓу земјите на западен балкан мора да се носат врз прагматична основа. Даде и историски пример, за средновековниот император Карло Велики, за кого Германците и Французите со години воделе спорови. Сепак, на барање на поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов, не отиде чекор понатаму за историските прашања меѓу Македонија и Бугарија. Лашет сепак, доби одговор од пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски. – Германија и Франција не спореле за тоа што пишува во личната карта или во пасошот на Карло Велики,- истакна Антонио Милошоски – Пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*