Продолжуваат Реакциите на Ставовите на Мишел и Макрон

Временската одредница за членство во ЕУ во 2030 година, која ни беше поставена на Самитот во Блед, е историски момент, оцени шефот на дипломатијата Бујар Османи. Во Блед претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел посочи дека ЕУ и земјите- кандидати треба да се подготвени за зачленување до 2030 година, а дотогаш Унијата ќе работи и на внатрешни реформи. Но, потоа следуваше симптоматична изјава на францускиот претседател Емануел Макрон според кого, кога ќе се креираат реформите во Унијата, треба да се размислува и за т.н. „Европа во две брзини“. Некои ова го протолкуваа како можност наредните земји-членки, меѓу кои и Македонија да немаат полноправно членство. Сепак, Османи вели дека француската министерка за Европа, Лоранс Бун лично му ја појаснила изјавата на Макрон.

„Макрон зборувал за брзини, во смисла дека нема да влезат сите наеднаш, туку во различни брзини во зависност кој кога ќе биде подготвен, а не Европа во слоеви – во смисла, привилегирани и помалку привилегирани, бидејќи ние нема да прифатиме ништо помалку од полноправно членство во Европската Унија“, изјави Бујар Османи – министер за надворешни работи.

И од Европската Комисија велат дека не е важен тајмингот за зачленување на кандидатите, туку исполнетите критериуми и реформи во овие земји. Според Османи, изјавите од Европскиот Совет и Европската Комисија се на иста линија, зашто, како што додаде, станува збор за две различни институции, а токму Советот предводен од Мишел ја носи политичката одлука за прием на нови членки во Унијата. „Комисијата проверува објективно дали ги исполнуваме критериумите. Тие немаат политички мандат и затоа Комисијата вели „политичките одлуки вие ги носите – земјите-членки, за мене е важно кој ги исполнува критериумите, бидејќи јас давам Извештај“.

Така што, Европската Комисија не ја демантира пораката на Шарл Мишел“, рече Бујар Османи – министер за надворешни работи. Османи додаде дека е подготвен и „нон-пејпер“ кој предвидува како земјите-кандидати да го стигнат стандардот на земјите-членки пред официјално да се зачленат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*