Пораката која од Блед ја испрати претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, за власта значи силен сигнал и шанса која треба да се искористи. Вицепремиерот Бојан Маричиќ во интервју за МИА изјави дека најавите од ЕУ се во корист на земјава, а чекањето според него не е добра стратегија.
„Говорот на претседателот на Европскиот совет го гледам како една сериозна пресвртница во политиката на ЕУ кон проширувањето бидејќи за првпат после претходното проширување имаме временска одредница која што официјално лице на ЕУ ја претставува како можен термин за наредно проширување.. Пораката испратена од Бледскиот стратешки форум е доволен сигнал дека работите во ЕУ се менуваат кон подобро.“ кажа Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, иако ја нотираат пораката на Мишел, акцентот го ставаат на ставот на францускиот претседател Макрон, кој рече дека унијата прво треба да претрпи реформи. За нив оваа порака значи дека нема никаква гаранција дека Македонија ќе ги продолжи евроинтеграциите.
„Од една страна ја имаме оваа изјава, а од друга страна имаме изјава од Макрон кој вели дека ЕУ прво треба да се реформира па потоа да прима нови членки. Тоа е само потврда за она што го говориме дека нема никакви гаранции дека дури и да се направат овие отстапки Македонија ќе продолжи на патот кон ЕУ. Грешка на нашата власт е што целиот процес го водеше брзоплето и со ветувања кои сега не може да ги исполни.“ кажа Марија Митева – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ