Само благодарение на блиндираното возило, неповреден помина 39 годишниот Раде Трајковски – Штекли, во кој било пукано вчера попладнето во гаражниот дел на трговскиот центар „Ист Гејт Мол “.
Нападот, според неофицијалните информации го извршиле двајца маскирани со фантомки кои по пукањето од пиштоли со пригушувачи избегале со автомобил Ауди со странски регистарски ознаки… Неколку часа подоцна според информациите, ова возило е пронајдено запалено кај езерото Треска во близина на Грчец. Од обвинителството денеска велат дека интензивно работат на расчистување на случајот. -Во врска со настанот во ТЦ Ист гејт, во текот на денот издадени се повеќе наредби со цел идентификација на сторителите. Издадена е наредба за обезбедување на снимки од видео надзор на повеќе локации во и надвор од трговскиот центар. Предмет на вештачење и проверки е и возилото кое беше пронајдено опожарено.
Се преземаат и други дејствија за расчистување на настанот и мотивите, велат од Обвинителството. Инаку, Раде Трајковски – Штекли стана познат за јавноста пред две години кога беше екстрадиран од Србија и предаден на македонските власти, откако за него беше распиша меѓународна потерница за издржување на казна затвор од 6 месеци за тешки телесни повреди. За настанот се огласи и ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштение до јавноста велат дека оваа пресметка се случуваше среде Скопје, во трговски центар преполн со луѓе на само триста метри од средбата на премиерот Ковачевски со Ескобар каде се зборувало за европски вредности.