Македонскиот јазик не е ничиј дијалект, тој е засебен идентичен јазик и не може да биде прашање, порачаа експертите на семинарот по македонски јазик, што се одржува во Охрид. Ние сме должни да го чуваме нашиот јазик затоа што тој е нашиот идентитет и аманет од нашите предци и културни дејци, велат македонистите. Неспорен факт е дека има негирања и напади, но клучно е дека и странските македонисти и слависти ја потврдуваат вистината. Токму затоа денес Македонскиот збор се слуша на сите континенти, вели научната фела.
„Има толку многу докази дека не е дијалект на нечиј јазик, ова е еден од начините во таа долгогодишна борба. Навистина сите овие настани се на страната на македонскиот јазик“, вели проф. д-р Никола Јанкуловски. Не треба да не загрижуваат надворешните негирања, треба да се спротивставиме со факти, имаме прекрасна литература, но потребно е повеќе да вложуваме во нашиот јазик, велат експертите.
„Ние да вложуваме во нашето изучување, односно во нашето зборување, говорење, точно течно прецизно. Само на тој начин се развива македонскиот јазик оди во повисоко ниво. Ние треба да бидеме чувари на јазикот“, изјави проф. д-р Весна Мојсова- Чепишевска. Професорот Макеј Кавка од Универзитетот во Краков, кој го превел Ацо Шопов, вели македонскиот јазик е засебен јазик, а тоа е потврдено со безброј научни дела и докази, и никој не може и не смее да го негира.
„Јазикот не може да се штити со политика, јазикот се штити со истражување, да се докаже вредноста на јазикот со дела. Нема смисла да се негира јазикот како може да се негира јазикот кој постои“, вели Макеј Кавка професор по лингвистика на универзитетот во Краков од Полска.