Коалицијата на Мицкоски и Касами во Тетово промовира поделби, национализам, провокации и создава тензии, реагираа денес од Општинската организација на СДСМ по повод настаните на градскиот плоштад, каде на забава која ја организираше локалната самоуправа се вееше знамето на т.н. „голема Албанија“.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со денови молчи, нема осуда за настаните и провокациите што се случија во петокот, велат од СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, прашаа дали Ковачевски се срами што гласал за име „Адем Демачи“ наместо „Втора Македонска бригада? Покажаа записници од кои, како што изјавија, јасно се гледа дека владата на Заев, со гласање на Ковачевски, а на предлог на Шилегов, во 2021-ва го менуваат името на улицата во Чаир. Со реакција на својот официјален Фејсбук профил излезе и градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами. Тој напиша дека деновиве политичката реторика нема никаква поврзаност со посетата на Курти.
„Ја разбираме загриженоста на Претседателот и Владата, на кои, зачудувачки, со поддршка и реакции излезе и Белград и знаеме дека оваа политичка реторика нема врска со посетата на Албин Курти, туку има врска со загриженост дека опозициските Албанци во РСМ се здружуваат и ѝ бројат денови на оваа влада на криминал и корупција. Доаѓањето на премиерот Курти, беше исто толку почит и чест за Албанците од Северна Македонија, колку што беше почит и за државата Северна Македонија, со која беше потпишан меморандумот на заедничкиот проект, на патот Тетово- Призрен“, стои во Фејсбук објавата на Касами објавена само на албански јазик.
Реагираа и од Алтернатива, посочувајќи дека Пендаровски, напаѓајќи го Албин Курти, се чини дека и се додворува на ДУИ, за да го поддржи за уште една кандидатура. Од партијата велат, се додека химната е моноетничка, нема албанец кој ќе отпее нејзин стих. Од СВР Тетово велат дека се работи на целосно расчистување на случајот на градскиот плоштад, каде се вееше знаме на т.н. „голема Албанија“.