Во Управата за водење на матични книги на околу 112 граѓани без документи денеска им се врши дополнување на документацијата за добивање на извод од матична книга на родени, а на десетина од нив им се врачени изводите.
До крајот на годината, сите 540 ќе бидат запишани во матична книга на родени, изјави директорот на Управата за водење на матични книги Емир Сулејмани. Сулејмани додава дека оваа постапка треба да биде завршена до крајот на 2023 година, со што сите 540 граѓани без документи ќе бидат запишани во редовна матична книга на родени.
„Повикувајќи се на деценискиот проблем што го имаат одредена група на граѓани, кои имаат елементарни потреби од социјално, здравствено и други услуги, ние како Управа за водење на матични книги пред одредено време формиравме работна група. Задача на работната група беше на поедноставен и поефикасен начин да им излеземе во пресрет на таргетираната група, луѓето кои не се запишани и немаат извод во матична книга на родени. Работната група се состои од повеќе членови, експерти, вработени во Управата, помал број тука од редакцијата а поголемиот број од регионалните единици. Со текот на времето се отвори и можност да се изврши изменување и дополнување на Законот за матична евиденција“, рече денеска Сулејмани.