Одлучноста и обединувачкиот дух на Илинден, цврстата верба и истрајност се нашиот патоказ кон иднината, изјави премиерот Ковачевски. Тој од централната прослава на празникот на скопското Кале посочи дека по влезот во НАТО, имаме отворени перспективи и за членство во ЕУ, но, побара пратениците да донесат државничка одлука за да продолжиме по патот на напредокот.
„Да се свртиме кон аманетот кои ни го оставија Илинденците и Асномците зашто вреди секој чекор за македонската државност“, изјави шефот на Владата. Тој побара да се следи храброста и одлучноста на Илинденците за нашата татковина, за нашето огниште. Членството во НАТО, договорот со Фронтекс потпишан на македонски и преведувањето на европското законодавство на нашиот мајчин јазик се потсетник дека правата се штитат на рамноправен терен, седнати на иста маса со останатите светски сили, рече Ковачевски, кој предупреди дека не смее земјава да остане изолирана.
„Не треба да бидеме загрижени, затоа што ние и требаме на Европа подеднакво како што Унијата ни е потребна нам“, рече македонскиот премиер, кој посочи дека обединети ја добивaме битката за НАТО, и обединети можеме да ја добиеме и битката за членство во ЕУ. Централната свеченост за одбележувањето на Илинден се одржа на скопското Кале, кај споменикот „Сила, слава и победа“. Претходно делегации положија цвеќе пред спомениците на АСНОМ, Никола Карев и Методија Андонов – Ченто.