Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш го повтори ставот дека уставни измени нема да има.
Ставот на партијата останува непоромент ниту по условените оставки што вчера ги поднесоа министрите на ДУИ во Владата, како и по најавата на првиот вицепремиер Артан Груби дека се подготвени да се откажат од привремена влада на 100 дена пред избори на чело со премиер Албанец. На оваа тема денеска на прес-конференција говореше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој во одговор на прашања од медиумите рече дека освен ДУИ, неотповикливи оставки треба да си поднесат и министрите од СДСМ и да се оди на брзи предвремени избори.
За депонирањето на оставките на министрите од ДУИ денеска на прес-конференција се осврнаа и од коалцискиот партнер СДСМ од каде сметаат дека со ова веќе се исполнети сите услови кои што ги побара претседателот на ВМРО ДПМНЕ за да гласа за уставните измени. Чекорот што го направи ДУИ со оставките на министрите, според владејчката партија е сигнал за Мицкоски кој треба да го реализира јавно даденото ветување.
„Сега, на потег е Христијан Мицкоски да докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или се грижи само за својата фотелја во Белиот дворец“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.