
Според Пендаровски, во правосудството има проблеми уште од 1990 година, поради тоа што никогаш не станало независно од центрите на политичка, а уште повеќе на економска моќ. За можните решенија за правосудството Пендаровски е на став дека не смета дека се можни брзи решенија, на краток рок.
„Пред се затоа што ние во изминативе 30 години, секоја политичка гарнитура, некоја повеќе, некоја помалку, во суштина, ја етаблиравме, политиката на неказнивост. Не постои висок функционер што завршил в затвор додека ’неговите’ се на власт, нема судија или обвинител што завршил в затвор во време кога е перципиран како судија од „нашите“ тефтерчиња. Без казнивост на луѓе кои очигледно не ги почитуваат законите , нема напредок“, вели Пендаровски.
Шефот на државата дава свој коментар и за пресметките на македонското подземје кои се случија во земјава, но и во соседството, како неодамнешното во Грција, а кои сè уште не се расветлени – без осомничени и не стасале до суд.
Инаку кога станува збор за реформите во правосудството, Пендаровски вели дека во 2016 година кога се зборувало за спроведување на процес на ветинг, од Европа стигнало предупредување за лошото искуство на Албанија со ветингот во судството и оти не треба да се размислува во таа насока. Пендаровски денес е на став дека да се направел ветингот, тој можеби ќе дал некакви резултати, веројатно, како што вели, подобри од сегашните.