
Денешниот прв министерски состанок го означува почетокот на Иницијативата 8, која, покрај транспортна и енергетска поврзаност по должината на Коридорот 8, ќе послужи и како политичка платформа што ќе обезбеди унапредување на меѓусебната соработка и интензивирање на политичката, економската, безбедносната, културната и на социјалната размена помеѓу Северна Македонија, Италија, Бугарија и Албанија.
Ова го истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес-конференција во Бриндизи, Италија, на која заедно со министрите за надворешни работи на земјите кои се дел од оваа соработка, Антонио Тајани, Марија Габриел и Олта Џачка, беа претставени главните контури на оваа иницијатива. „Блиската соработка со две земји членки на Европската Унија, Италија и Бугарија, има големо значење за нас и за Албанија како земји кандидати бидејќи ќе има позитивни импликации. Оваа иницијатива е и во насока на она за што се залагаме како земја, повеќе интеграција пред членство, односно вклучување на земјите кандидатки во соодветните политики и иницијативи на ЕУ, што ќе им овозможи на граѓаните искористување на придобивките од пристапувањето во текот на целиот процес, а не само по неговото завршување“, рече Османи.
Оваа заедничка иницијатива, вели тој, треба да прерасне во еден нов сојуз во регионот, кој ќе понуди стратешки подлабока и позначајна соработка на земјите преку промоција на европските вредности, севкупна европеизација на целиот регион и воспоставување трајно разбирање, доверба меѓу нашите народи, политичка соработка и економска раст. Покрај тоа, Османи во Бриндизи ги претстави и најновите инфраструктурни проекти во Северна Македонија по должината на Коридорот 8 на трансевропската транспортна мрежа кон Бугарија и Албанија, како и паралелното развивање на инфраструктурата по должината на Коридорот 10, проекти што може да послужат како катализатор за регионалната соработка и напорите за интеграција.
Министрите за надворешни работи се договорија дека ќе одржуваат редовни состаноци и истовремено ќе работат на зајакнување на соработката не само помеѓу владите туку и помеѓу градовите во кои минува Коридорот 8. Во иницијативата ќе бидат вклучени и бизнис- и граѓанскиот сектор како еден од главните фактори за спроведување успешна соработка.