СДСМ го осудува вандалскиот чин врз возилото на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, чиј автомобил утрово беше демолиран. Партијата ги повика надлежните институции целосно да го расчистат случајот.
„СДСМ го осудува вандалскиот чин на демолирање на автомобилот на портпаролката на ДПМНЕ, Марија Митева. Секој чин на вандализам, насилство или уништување приватна сопственост е неприфатлив и недозволив, спротивен на вредностите на нашето македонско демократско општество. Очекуваме и ги повикуваме сите надлежни институции да го расчистат случајот, сторителите да бидат откриени и да понесат одговорност во согласност со законите“, велат од СДСМ.
Во Прилеп пак, непознато лице, најверојатно со метален остар предмет, викендов го оштетило приватниот автомобил и на претседателот на Советот на општина Прилеп, Дејан Проданоски, кој е и претседател на локалниот огранок на ВМРО-ДПМНЕ. Според неговата објава на личниот фб-профил, автомобилот бил паркиран на јавна површина, и тој, во овој, како што го нарече „нихилистички чин“, препознава атак врз неговата лична безбедност поради неговиот политички активизам со двете функции кои ги извршува.
„Хулиганството, бруталноста и насилството само резултира со омраза и недоверба на граѓаните кон полицијата, која треба да го штити и да го чува мирот, и се потврдува тезата за неспособноста на безбедносните структури во Прилеп“, напиша Дејан Проданоски во својот фб-статус.
Сличен ваков инцидент во Прилеп имаше и во месец март кога беше оштетен приватниот автомобил на екс- градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, паркиран пред неговата семејна куќа.