Дали е уставен Законот за матична евиденција врз основа на кој министерот Лога го издаде Упатството според кое при вадење на изводи на родените, венчаните и умрените е задолжително да стои графата за националната припадност, Уставниот суд не донесе одлука. Немаше доволно гласови со кои би се прифатила иницијативата со која беа оспорени одредбите во делот на националноста. Според информациите четворица судии гласале ЗА а тројца ПРОТИВ, додека за носење одлука се неопходни пет гласа.
Претседателката на Уставен Добрила Кацарска беше против задолжително наведување на националноста во изводите.
-Ако некој прави злоупотреби, тоа значи дека сите други се заложници. Мое лично право е дали ќе ја кажам мојата националност и никој не може да ме принуди. -Добрила Кацарска – Претседател на Уставен суд.
Во меѓувреме останува замрзнато упатството на Лога иако тој се надеваше дека уставните судии ќе ја отфрлат иницијативата и ќе се издаваа изводи со графа национална припадност.
„Законот го предвидува она што ние го имаме подвлечено во новите изводи за родени, венчани, умрени. Јас очекувам дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата на Левица и законот ќе биде во сила и натаму и штом ќе ја имаме оваа нова одлука на Уставниот суд ќе имаме и ново Упатство и нови изводи и ќе се повторува праксата што ја воведовме, ќе се наведува националната припадност за да ги спречиме злоупотребите при вработување во цела држава“ – Кренар Лога – Министер за правда.