Предлогот за уставни измени влегува во Собрание

Предлогот за уставни измени што доби едногласна поддршка во Владата влезе во Собрание. Спикерот Џафери информира дека е доставен до пратениците, а пленарна седница е закажана за 18-ти август. Претходно предлогот ќе го разгледува Уставната комисија на 25-ти јули, а расправата трае до 10 работни дена. Џафери вели, ако има политичка волја, процесот може да финишира до ноември. Иако, до овој момент нема назнаки дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ може да се предомисли околу поддршката, оптимизмот во владата е константен.

Премиерот Ковачевски се надева на плодна дискусија и конструктивна расправа, но и на натпартиски консензус за продолжување на европската интеграција. ВМРО-ДПМНЕ не отстапува. Велат вака скроени уставни измени под бугарски диктат и на начин на којшто се доставуваат во Собрание нема да ги поддржат. Лидерот на партијата Мицкоски смета дека Владата го усложнила процесот со тоа што доставила текст за уставните измени кој според нив е неразумен и ги загрозува позициите на земјава во евроинтеграциите. Каков ќе биде настапот на ВМРО- ДПМНЕ во постапките кои следуваат во Собранието, партијата ќе одлучи на координација.

На пленарна седница, предлогот за уставни измени може да се најде најрано за еден месец, а во меѓувреме треба да се разгледува во Уставната комисија. За да се измени Уставот, Законот предвидува пратениците да гласаат во три наврати. Во првата и во третата фаза е потребно двотретинско мнозинство. Прва реакција и од Софија. Бугарскиот претседател Радев вели дека уставните измени се многу важен чекор, но, не и последен, оти треба да се исполнат барањата од двата потпишани протоколи од преговарачката рамка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*