Наместо во седиштето во Мала Речица, лидерот на ДУИ Али Ахмети и функционери од редот на интегративците разговарале со европските гости од „Вајмарската тројка“ во Министерството за политички систем и односи со заедниците, со кое раководи вицепремиерот Артан Груби.
Ова не е првпат државни простории да се користат за партиски средби. Груби еднаш веќе беше предупреден од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Таа и овој пат вели дека ќе го разгледа случајот и ќе преземе соодветни мерки. Најави и оти ќе го информира премиерот Ковачевски.
По информациите дека американската црна листа ќе се прошири со нови имиња, вицепремиерката Грковска вели оти го очекува тоа со нетрпение, како вовед во понатамошниот процес. Сепак, таа предупреди дека задача на домашните институции е да покажат капацитет за справување со проблемите.