Голема полициска акција за борба против корупција и приведување на осомничени

Функционерот на ДУИ Исмет Гури, кој во петокот неправосилно беше осуден на три ипол години затвор за изборни нерегуларности во случајот „Титаник 3“ е еден од приведените во големата полициска акција која од утринава се спроведува на седум локации низ државата.. Како што соопштија од обвинителството и МВР, тој е вмешан во организирана шема за правење даночна измама додека бил заменик управник на регионална дирекција Скопје во УЈП . Гури е третоосомничен од петнаесетмината за кои е спроведена истражна постапка, меѓу кои е неговиот син, бизнисмени и вработени во Управата. Според информациите, во 2020 и 2021 година осомничените преку осум правни лица од Скопје издавале фиктивни фактури и барања кон УЈП за поврат на данок. Фирмите биле користени за издавање на лажни фактури едни кон други, без притоа да постојат реални деловни активности со што му нанеле штета на буџетот од над 830 илјади евра.

„ Овие правни лица биле користени како даночни гаранти така што со даночни должници биле склучувани договори согласно кои осумте правни лица биле даночните гаранти и за тоа ги користеле нереалните даночни аконтации кои ги имале кон УЈП. Организаторите за целата оваа осмислена шема за возврат добивале стока, движен и недвижен имот како луксузни возила, станови и сл., кои подоцна ги препродавале на трети лица со што противправно се стекнувале со материјална корист. “

Дел од нелегално стекнатите пари биле искористени за купување деловен простор од 102 метри квадратни во вредност од 150 илјади евра за синот на Гури, а дел биле пуштени во легалните финансиски текови преку повеќе готовински уплати и трансакции по основ на наводни позајмици на едно од пријавените правни лица.. На овој начин Гури успеал да легализира околу 250 илјади евра. Овие средства понатаму, од страна на правното лице биле користени за откуп на девизи, плаќање на фактури кон домашни и странски правни лица за увоз или набавка на стока, а дел од средствата, околу 1700 евра биле префрлени на сметката на синот на Гури.

Единаесет од осомничените се товарат за злосторничко здружување, девет за даночна измама и четворица за перење на пари. Поради опасност од бегство, влијание врз сведоци, или уништување на трагите обвинителството бара притвор за тројца осомничени меѓу кои и Гури, кој пак, во моментов се уште вработен во УЈП на позиција раководителна оддел за стратешко планирање и анализи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*