Министерството за образование и наука ќе добие помош од Израел за интензивирање на процесите на дигитализација и подобрување на сајбер безбедноста. За ова на денешната средба разговараа министерот за образование и наука Јетон Шаќири и амбасадорката на Израел Симона Франкел. На средбата присуствуваше и директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците Скендер Асани.
Министерот Шаќири нагласи дека во услови на сè почести и сè пософистицирани сајбер закани исклучително е важно образованието да биде безбедна, отпорна и доверлива дигитална средина и затоа е многу значајна најавената помош од Израел, што ќе придонесе за заштита на училиштата, учениците и нивните податоци. Министерот Шаќири и амбасадорката Франкел разменија мислења и за отворање мултимедијален центар за сеќавањето на настраданите во Холокаустот.
Министерот доби покана за посета на Израел во текот на месец октомври, за подетално договарање и прецизирање на помошта, за што ќе се реализираат средби со повеќе надлежни институции и водечки компании од областа на дигатилизацијата и сајбер безбедноста. За координација, планирање и реализација на активности се очекува министерствата кои го покриваат ресорот образование во двете земји да потпишат меморандум за соработка.