Не можеме предвреме да речеме дека ќе елиминираме некого заради тоа што во јавноста се шпекулира поради нешто, не знам на кој начин би го вршеле тој дел како Совет, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, во врска со изборот на обвинителот Артан Ајро во Вишото јавно обвинителство Скопје.
Во однос на неизбирањето на обвинителката Ленче Ристовска во Вишото јавно обвинителство, претседателот на Советот изјави дека немале можност да ги проверат резултатите од нејзиното работење и дека таа би можела да се јави и на конкурсот во септември. Јолевски дополни дека кај обвинителката Ристовска периодов има недостаток на работа по предмети.
Во однос на изборот на обвинителката Вилма Русковска, која не беше избрана за обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, тој рече дека тие не сакаат да прејудицираат со избор во повисоко обвинителство на кандидат за кој допрва треба да се решава по предлог за негово разрешување.