
Овој исклучително важен состанок доаѓа во момент кога се води
војна во Украина. Ќе бидат донесени важни одлуки за одбраната на
членките на НАТО, за заштита од кибер и хибридни напади и за
унапредување на соработката со Киев преку советот НАТО-Украина,
изјави премиерот Ковачевски, којшто ја предводи македонската
делегација на Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија. „Ќе биде
донесена одлука во однос на финансирањето, тоа значи дека 2
проценти од БДП ќе биде практично минимумот за финансирање на
одбраната, со тоа што најмалку 20 проценти ќе бидат за
модернизација. Северна Македонија е земја којашто на
модернизација веќе инвестира 30 проценти од буџетот за одбрана,
што секако е потребно во овој контекст. Дополнително во идната
соработка со Украина, Северна Македонија има многу јасна
позиција, ние како 30-та земја членка секогаш поддржуваме
отворена врата за пристапување во НАТО, меѓутоа секако кога ќе
бидат согледани сите безбедносни аспекти на актуелниот момент. И
тоа што е многу важно, НАТО покажа дека е единствено како
никогаш досега и донесена е голема одлука Шведска да биде 32.
Членка на НАТО“, изјави Димитар Ковачевски-претседател на
Владата.