
Процесот на уставни измени не е поврзан со мандатот на Владата туку со европската интеграција и затоа наесен нема да има избори, дециден премиерот Ковачевски. Тој вели дека е обврска на секоја политичка партија да го поддржи зачленувањето во Унијата. Во однос на уставните измени, претседателот на Владата изјави дека тие ќе бидат доставени до Собранието во наредните две недели и ќе бидат јавно објавени за граѓаните да се уверат оти станува збор за технички амандмани. „Во земјава наесен нема да имаме избори. Изборите ќе бидат идната година, претседателски, па парламентарни. Процесот на уставни измени не е поврзан со мандат на Влада, тој е поврзан со европската интеграција на државата и обврска на секој пратеник и на секоја политичка партија во Собранието е овој процес да го поддржи сè до завршување на преговорите до 2030-та година и зачленување на државата во Европската Унија“, изјави премиерот Ковачевски. Од ВМРО-ДПМНЕ како најгласен политички фактор против вака скроените уставни измени го повторија ставот дека нема да прифатат менување на највисокиот правен акт под бугарски диктат. Партискиот лидер Мицкоски повтори дека власта на маса има само еден предлог – а тоа се предвремени избори. „После тие предвремени парламентарни избори, нашиот став што се однесува до бугарскиот диктат останува ист. Вакви околности додека јас сум на чело на ВМРО-ДПМНЕ нема да прифатиме. Подготвени сме да разговараме да се сменат тие околности, да видиме што ќе добие овој народ и Македонија како држава, во форма на гаранции и предвидливост на процесот, па дури потоа ќе можеме да разговараме. Сега на маса има само една опција, а тоа се предвремени избори“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.