Ковачевски: По аманетот на Мисирков, македонскиот јазик денес е научна, книжевна и политичка реалност во Европа и светот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски се обрати на одбележувањето 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“, од Крсте Мисирков.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски на настанот:

„ Почитувани претставници на семејството на великанот Крсте Мисирков, идеолог на македонската културна борба, чие дело го славиме денес – чест и задоволство ни е што сте овде, заедно да го одбележиме големиот јубилеј, 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“, едно од темелните дела за македонската литература, култура, за македонската национална самобитност и македонскиот идентитет,

Почитувана директорке на Институтот за македонски јазик, проф.  Јованова-Грујовска,

Почитувани: проф. Спасов,

Почитуван Проф. Мојсова-Чепишевска,

Почитуван: проф Јанкуловски, кој што за жал не е тука денес со нас,

Почитувани академици, професори, научници, македонисти, книжевници, вработени во Институтот за македонски јазик,

Почитуван, директор на Агенцијата за примена на јазикот,

Почитувани колеги министри во Владата,

Почитувани професори на Универзитетот Св. Кирил и Методиј кои се тука денес присутни,

Почитувани млади луѓе и граѓани кои учите, живеете, работите, употребувајќи го македонскиот јазик – наследници на кодификаторите и заштитници на стандардниот македонски јазик, Мисирков и Конески,

Почитувани претставници на медиумите,

Нека ни е честит јубилејот – 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик, значајна научна институција во нашата држава, дел од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, во којашто се проучува македонскиот јазик на сите рамништа!

Јас верувам дека сум премиерот којшто во една година најмногу пати дошол во овој институт.

И сум единствен премиер во последните 20 години којшто со лична заложба од министерот за финансии и за образование обезбедивме 16 минатата година нови кои ќе работат овде во институтот. Тоа е една од работите на кои навистина сум горд што таа работа заедно со професорката и нејзините колеги успеавме минатата година да ја направиме, со тоа што пред нас имаме уште многу што да направиме.  

Зборовите на Мисирков денес се реалност за Македонскиот народ и за нашиот вековит македонски јазик, што постоел, постои и ќе постои за навек.

„За среќа, има македонска национална култура и историја и тој факт го вооружува македонскиот народ, со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот, како рамноправен член во бројот на културните народи“.

Достоинствено денес се поклонуваме на делото на Мисирков, затоа што неговиот аманет е примен и испочитуван.

Успеавме да го поставиме македонскиот јазик на еднакво рамниште со сите други официјални јазици во Европа, со ланското отворање на преговорите со Европската Унија, а со тоа и македонскиот народ и идентитет на исто рамниште со другите народи кои ја сочинуваат ЕУ.

Науката ги бележи почетоците на употребата на македонскиот јазик уште длабоко во 9-от век, од кога се зборува, раскажува, прераскажува, твори, а подоцна и се пишува на македонски јазик.

Но, за сите е јасно дека битката на Мисирков и Конески не беше завршена со употребата и признанието на македонскиот јазик во светот на книжевноста и уметноста.

Таму македонскиот јазик ниту бил, ниту можел да биде оспоруван, затоа што се материјализира и живее низ реални научни, книжевни и уметнички дела.

Но, факт е дека македонскиот јазик беше оспоруван во општествено-политичкиот свет, во и меѓу државите, кои функционираат низ политички одлуки.

Тоа го знаел и Мисирков, кога книгата „За македонцките работи“ ја поставил на пет поглавја и во нив, покрај за создавањето на современиот македонски стандарден јазик, зборува и за политичките, економските, културните и јазичните предуслови за формирањето на современата македонска нација.

Неоспорен факт е дека конечно, минатата година, со стратешкото лидерство и со храбрите одлуки со коишто ги почнавме преговорите со Европската Унија, ставивме крај на внимателните политички формулации дека говориме јазик на Блаже Конески, на Ацо Шопов или на Матеја Матевски.

Политичките лидери и државни раководства на земјите во светот, од ланскиот јули ја сменија реториката. И без задршка денес зборуваат за македонски јазик и за нас како Македонци. 

Денес македонскиот јазик е еден од официјалните јазици во Европската Унија!

Првиот договор помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, Договорот за гранично управување со ЕУ, е веќе потпишан на чист македонски јазик.

Целото европско законодавство се преведува на македонски јазик.

Дури и нашите европски пријатели, како што се нашите пријатели од  германскиот Бундестаг, со Резолуција ги признаа постоењето на нашиот засебен македонски јазик, засебна македонска култура и засебен македонски идентитет и како такви не очекуваат и даваат поддршка за да станеме дел од ЕУ.

Секако дека ние знаеме кои сме – дека сме Македонци кои говорат свој македонски јазик.

Но мора да сме реални и да посочиме на уште еден факт. Дека во актуелниот контекст и околности, некои сили внатре во нашата држава и надвор од нашата држава, веројатно со ист извор, се обидуваат да го успорат или запрат напредокот на нашата држава и на европската иднина на нашите деца. И тоа го прават со лаги, дезинформации и злоупотреби, за најчувствителната точка, за нашиот македонски иднентитет. И нанесуваат огромна штета токму на нашите идентитетски определби, со тоа што ги доведуваат во прашање.

Затоа, добро е и неопходно е да посочуваме – и ќе посочуваме на успесите што нè потврдуваат како Македонски народ, кој говори свој, македонски јазик, во европското семејство на народи и јазици.

Македонскиот јазик опстојал низ вековите благодарение на тоа што луѓето зборувале, раскажувале, прераскажувале, твореле, пишувале на македонски јазик, на ова македонско тло и ширум светот.

Порачувам, дека ќе направиме сѐ што е во наша моќ да станеме и формално дел од Европа и да обезбедиме европски квалитет на живот, меѓу европските култури и народи.

Затоа што сè додека има луѓе кои го употребуваат македонскиот јазик, тој ќе постои, со тоа и ние Македонците, а и нашата татковина, Република Северна Македонија.

Јазикот е жива материја и тој е нашата единствена татковина. И оваа наша татковина има потреба од сите нас, денес и сега.

Подаваме рака, како Влада, заедно да продолжиме по патот на Мисирков и Конески кон развој и на патот напред!

Во таа насока, од огромно значење е соработката со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ основан 1953 година, пред 70 години, со задача сестрано да го проучува македонскиот јазик и да ги поттикнува творечките потфати во областа на македонистиката, чијашто работа, како Влада, ја поддржуваме низ дела.

После 24 години, има 16 вработувања, од кои 13 научници, магистри и доктори на науки. И покрај светската економска криза, ја поддржавме со буџетски средства дигитализацијата на сите картотеки во Институтот за македонски јазик, за трајна заштита на околу 5 милиони вредни записи на македонски текстови, некои од нив дури од 14-от век.

Исто така, Владата веќе го утврди текстот на Предлогот на новиот закон за употребата на македонскиот јазик, со којшто се прошируваат областите каде задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. И за да осигуриме примена на Законот, предвидовме основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура, со својство на правно лице. А Министерството за образование и наука ќе објави конкурси за стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик.

Во мандатот на Владата што јас ја предводам, го започнавме и проектот за реконструкција и ревитализација на старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно, односно негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.

А претходно, поддржавме поставување на дигитализираниот „Толковен речник на македонскиот јазик“. Дигитализиран е и Правописот на македонски јазик. И е воведен Ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година, кога тогашната Влада го официјализира современото македонско писмо.

Со сето ова покажуваме цврста определеност да осигуриме ефективна заштита, негување, промоција и афирмација на македонскиот стандарден јазик!

Македонскиот јазик денес е научна, книжевна и политичка реалност во Европа и светот!
Македонскиот јазик е признат, се изучува и се проучува на универзитетите ширум Европа и светот.

И порачувам дека Владата ќе продолжи со поддршката на сите значајни проекти предложени од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и со сите други проекти.

Со сите други проекти и од институтот и од филолошкиот факултет и од сите други институции кои го промовираат македонскиот јазик како дел од светското семејство на јазици, каде што веќе рамноправно го поставивме.

Благодарам за вниманието и уште еднаш честитки за двата значајни јубилеја и да посакам уште многу успеси на институтот. “

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*