Денес во Струга на „Конференцијата за економска и еколошка димензија на ОБСЕ“ организирана во рамките на претседавањето на Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) во 2023 година, претставници од 57-те земји-членки на ОБСЕ, приватниот сектор, академската заедница, граѓанското општество и меѓународните организации дискутираат за клучните економски и еколошки прашања што влијаат на заедничката безбедност во регионот на ОБСЕ. Темата: „Промовирање на безбедноста и стабилноста во областа на ОБСЕ преку постигнување одржлив развој и издржлив и инклузивен економски раст“ поттикна интересна, интерактивна и фокусирана дискусија, која би можела да резултира со конкретни и остварливи препораки за ОБСЕ и нејзините земји-учеснички на теми од големо значење за сите држави во регионот.
На отварањето на Конференцијата, во водената сесија, се обратија министерот за надворешни работи и предсетавач Бујар Османи, заменичката на Претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и министерската за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и заменик министерот за енергетика на Украина Јарослав Демченков.
„Потенцијалот на ОБСЕ во ублажувањето на сериозните економски и еколошки предизвици со кои денес се соочуваат нашите општества не смее да се занемари. Организациската структура и значајните проекти што ОБСЕ ги реализира низ целиот регион, може навистина да направат разлика и да допринесат за благосостојбата на луѓето“ истакна Османи.
Од аспект на политиките на добро владеење заменичката на Претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска укажа на императивот за добро владеење во денешниов меѓусебно поврзан свет каде економиите и животната средина не препознаваат граници. „Tоа е камен темелник врз кој денешните просперитетни општества се изградени, каде преку доброто владеење се негува довербата, интегритетот и одржливиот развој“ додаде таа.
Министерката Шукова во воведното обраќање ги посочи еколошките предизвици со кои се соочува регионот и нивното влијание врз водните ресурси, на земјоделските приноси, на губењето на биодиверзитетот и интегритетот на екосистемите, но истакна и дека сега е вистинскиот момент владите да го променат пристапот и да ги стават своите земји на одржливи траектории што даваат приоритет на економските можности, намалувањето на сиромаштијата и планетарното здравје и да овозможат долгорочен економски, социјален и еколошки просперитет.
„ОБСЕ има улога во подигнување на свеста за потенцијалните ризици поврзани со климатската безбедност, во градењето на капацитети, проценката и адресирањето на овие ризици на париципативен начин и со вклучување на сите релевантни чинители. Ова не е само заради сеопфатниот пристап до безбедност, туку и поради тоа што има широка регионална рамка потребна за да одигра соодветна улога во таков регионален пристап“ истакна Шукова.
Воведната сесија, како и трите тематски сесиии се фокусирани на клучните теми поврзани со антикорупцијата, меѓусебната поврзаност, енергетската безбедност и климатските промени што се централни теми за мандатот на ОБСЕ во Втората димензија и претставуваат приоритети на претседавањето на нашата држава во 2023 година. Претседателството сака да ја искористи можноста дадена од оваа конференција за да го продолжи долготрајниот политички дијалог за економските и еколошките прашања поврзани со безбедноста што традиционално се одвива во рамките на Економскиот и еколошки форум (ЕЕФ).