Вицепремиерката Грковска го посети македонскиот тим кој успешно се справува со симулиран сајбер напад со тимови од Албанија и Црна Гора

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска го посети и му даде поддршка на „Синиот тим“ на Северна Македонија, кој пријателски се натпреварува со сините тимови на Црна Гора и Албанија, во рамки на тридневната Регионална вежба за сајбер безбедност. Вежбата е организирана со поддршка на естонската „e-Governance Academy“, во рамки на проект на Европската Унија, а се одвива на три локации: Скопје, Тирана и Подгорица.

Вежбите имаат за цел да обучат сеопфатни вештини за сајбер капацитети на техничко ниво, да ја подобрат отпорноста и експертизата на јавните институции, како и да ја подигнат свеста на менаџерско ниво за ефектите што може да ги предизвикаат сајбер инцидентите.

Вицепремиерката Грковска ја поздрави посветеноста на овие млади луѓе, кои во процесот на подготовка и реализација на вежбата пристапија целосно професионално и со желба да бидат најдобри.

Заеднички констатираа дека сајбер безбедноста и сајбер отпорноста на државата е еден од најголемите предизвици на денешнината и токму затоа професионалниот напредок, јакнење на капацитетите и градење на кадар кој ќе може ефикасно да се справува со ваквите напади мора да биде приоритет на државата.

Програмата се состои од три дела која опфаќа еднодневна онлајн вежба од типот „Освој го знамето“ (Capture the flag), потоа еднодневна обука за запознавање на околината за вежбата, по што следува дводневна вежба „Жив Оган“ (Live fire), што е формат за вежби на „црвени тимови“ наспроти „сини тимови“, чија цел е на едно место да собере различни засегнати страни за симулирање сајбер инцидент од големи размери.

Вицепремиерката Грковска му честиташе на нашиот тим за одличните резултати што ги покажа и му посака многу успех и во остатокот од вежбата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*