Шаќири во пресрет на уписите во средно: Полуматурантите да се фокусираат на стручното образование, тоа нуди поголема перспектива во иднина

На 20ти јуни започнуваат уписите во средните училишта и јас упатувам апел до младите да се фокусираат на средното стручно образование, кое ценам дека е вистински избор и нуди поголема веројатност за добра иднина. Државата има дефицит на стручен кадар и доста работни места со солидни примања, каде се бараат квалификувани работници се непополнети. Така што, со диплома од средно стручно училиште полесно ќе можат да се вработат, но и ќе имаат добра основа за понатамошна академска наобразба. 

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој денеска заедно со швајцарската амбасадорка Вероник Улман и извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, Антони Пешев ги посетија средното училиште „Георги Димитров“ и компанијата Ацески кои имаат воспоставена соработка во интерес на спроведување квалитетна практична обука и подготовка на учениците директно на работно место. 

„Образовниот процес во средните стручни училишта е интересен и квалитетен, затоа што во најголемиот дел од нив всушност се спроведува концептот на дуално образование, кој го воведовме, го развиваме, спроведуваме и промовираме заедно со бизнис заедницата, со коморите, локалните самоуправи и со голема поддршка од Швајцарската амбасада“, рече Шаќири.  

Потенцираше дека за учениците е обезбедена повеќе практична настава, за сметка на изучувањето теорија и тоа директно на работно место во компанија. Годинава преку 450 компании ќе примаат ученици на практична обука, а ќе се доделат и 1500тини стипендии за учениците што ќе одберат дуално и воопшто средно стручно образование. 
„Нека сето ова биде мотив за полуматурантите да одбираат средни стручни училишта и да си обезбедат подобра иднина за себе, а секој нивен успех понатаму, ќе биде и придонес кон напредокот на државата“, додаде министерот. 

Пријавувањето и запишувањето на учениците во средните училишта во учебната 2023-2024 ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во месец јуни, на 20  и 21 јуни и второ пријавување на 27 и 28 јуни 2023 година, преку порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk со најава на средношколците преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk. 

Во училиштата каде што ќе се пријават поголем број ученици од планираниот број, кои ги исполнуваат предвидените услови, ќе се организира квалификациско тестирање по наставниот материјал од одредени предмети од осмо и деветто одделение. 

Конкурсот предвидува речиси 30 илјади слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиското образование и  658 паралелки во средните стручни училишта. Во во соработка со општините и компаниите во земјава се обезбедени 6475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*