Премиерот Ковачевски во своето обраќање посочи дека Владата работи на реформи коишто треба да осигураат европски квалитет на живот подеднакво за сите граѓани во нашата држава.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Благодарам на поканата за денеска, овде, заеднички да го одбележиме 21 декември, Денот на наставата на турски јазик во Република Северна Македонија.
Врховен водич во животот е знаењето, констатирал Ататурк, согледувајки дека наставниците учествуваат во спасувањето на нациите.
Тоа е така затоа што во образованието се и историјата и сегашноста и иднината на една држава, коишто низ наставниот процес, уште од најраната возраст, ги пренесуваме на нашите деца.
Можноста за образование на мајчиниот јазик е граѓанско право и ние како мултиетничка демократија го загарантиравме со Уставот и тоа важи и за граѓаните од турската заедница во земјава. Но, таа е и одраз на меѓусебната почит, како основа во изградбата на секое здраво и стабилно оштество – Едно општество за сите, во што заедно, одлучивме и ја развиваме и градиме Република Северена Македонија.
Овој поглед бил јасен уште за нашите претходници, кога на ова тло, во 1944-та година, во О.У. Тефејуз во Скопје, било овозможено да продолжи наставата на турски јазик, на новата турска латинска азбука.
Од 2007 година, Денот на наставата на турски јазик е и државен празник за граѓаните од турската заедница во земјава, за што се заложија тогашните пратеници од нашиот коалициски партнер, Турската Демократска Партија и ДПТ ја имаше, ја има и ќе ја има и понатаму нашата поддршка во унапредувањето на правата на турската заедница во земјава.
Нашите сограѓани Турци се чесни и вредни граѓани и луѓе еснафи, кои ја почитуваат традицијата. И турската култура е една од коцките во мозаикот на различности и на вредното културно-историско наследство на Република Северна Македонија, што го негуваме како бесценето богаство.
Но, граѓаните Турци се и пример за лојални граѓани на Република Северна Македонија, кои застануваат во одбрана на државните и стратешките интереси – секогаш кога е тоа потребно.
И денес заеднички настапуваме во заложбите за современа, економски развиена, евроатлатска Република Северна Македонија, дел од прогресивниот демократски свет.
Денес, заедно и со нашиот коалициски партнер, Турската Демократска Партија, којашто е дел од Владата, водиме заеднички битки, со современи средства – на дијалошките маси.
И како што успеавме во заложбите Република Северна Македонија да стане 30-та полноправна членка на НАТО – убеден сум дека можеме да успееме, до 2030-та година Република Северна Македонија да стане и полноправна членка на Европската Унија.
Во меѓувреме, работиме на реформите, коишто треба да осигураат европски квалитет на живот тука – дома и на справувањето со актуелните предизвици од глобален контекст.
Со нашиот традиционален партнер, Република Турција, којашто е наш пријател уште од осамостојувањето на државата, имаме развиено одлична економска соработка, Турција е еден од најголемите трговски партнери на Северна Македонија, наша заедничка заложба е обемот на билатералната трговија да се зголеми на една милијарда долари, а во земјава има и значителен број на турски инвеститори.
Мостовите за соработка што ги градиме, дома, во регионот и во светот се нашиот пат напред, кон европска и економски развиена Република Северна Македонија.
Ќе се навратам на Ататурк кој рекол дека мирот дома е мир во државата, а мирот во државата е мир во светот.
Остануваме посветени на оваа врвна цивилизациска придобивка.
Република Северна Македонија е пример за успешна мултиетничка функционална демократија – Европа во мало, пример во регионот и во Европа и со нови примери ќе продолжиме да го мотивираме заедништвото, бидејки еден може многу, но заедно можеме повеќе.