Битиќи: Постепено и системски се усогласуваме со институциите на Европската Унија што ќе значи зголемување на конкурентноста на нашата економија

Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се обрати на конференцијата „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности“ во организација на Секретаријатот за европски прашања. Вицепремиерот Битиќи се обрати на панелот на тема „Македонската економија е европска – мобилност, конкурентност, развој“.

Во продолжение ви го праќаме интегралното обраќање:

„Најпрво би сакал да ви се заблагодарам на поканата за учество на еден ваков настан, каде отворено ќе можеме да дискутираме за патот и предизвиците на нашата земја кон исполнување на обврските со кои ќе станеме рамноправна земја членка на Европската Унија.

Кабинетот со кој јас раководам, според предлог преговарачката рамка усвоена од страна на Владата е одговорен за координација на ресорите во чија надлежност се 9-те поглавја кои го сочинуваат кластерот „Внатрешен пазар“.

Според последниот извештај на Европската комисија, конкретно кај поглавјата од кластерот Внатрешен пазар кај кои од 9 поглавја (1. Слободно движење на стоки, 2. Слободно движење на работници, 3. Право на регистрација и слобода на давање услуги, 4. Слободно движење на капитал, 6. Право на друштва, 7. Интелектуална сопственост, 8. Политика на конкуренција, 9. Финансиски услуги, 28. Здравствена заштита и заштита на потрошувачите), кај 7 нашата држава е оценета како умерено подготвена, кај едно од овие поглавја има низок степен на подготвеност и кај едно (Право на трговски друштва) имаме добра подготвеност. Исто така во последниот извештај кај овие 9 поглавја се детектира дека нашата земја во тој извештаен период кај 4 немала никаков прогрес, кај 2 поглавја имало некаков прогрес, кај 2 поглавја има ограничен прогрес и кај само едно поглавје има добар прогрес. Тука веднаш морам да истакнам дека кај поголемиот дел од поглавјата каде немало или има мал прогрес, голем дел од законските и подзаконските акти се заглавени со блокадите во Собранието. Еден од таквите примери е Законот за сметководствени работи, кој долго време беше заглавен во Собраниска процедура, креирајќи неконзистентност во работењето на целокупната сметководствена фела, која долг период функционираше во нарушени пазарни услови.

Од друга страна имаме и ситуации каде веќе имаме усвоено конкретни закони или подзаконски акти, кои заради нивната природа својата имплементација ќе ја доживеат од 1 јануари 2023 година. Класичен пример за тоа е новата легислатива поврзана со платните системи која носи неколку промени за целокупниот финансиски сектор, а особено банките. Со оваа реформа нашиот финансиски сектор дополнително се усогласува со директивата на ЕУ за финансиски колатерал, а комплетното усогласување се очекува да биде постигнато во текот на 2023 и 2024 година.

Ние како Влада паралелно активно работиме и на подобрување на капацитет на нашата администрација која активно ќе биде вклучена во преговорите кои веќе започнаа со Европската комисија, како во квалитативна така и во квантитативна смисла. Ова исто така е една од најчестите забелешки во последниот извештај на Европската комисија и тоа е процес на кој ние покрај напорите кои имаат континуитет, мораме дополнително сериозно да се посветиме. Тоа мораме да го правиме не само затоа што ние сакаме оваа забелешка да биде ретко споменувана во идните извештаи на Европската комисија за нашиот напредок, туку исто така затоа што отстранувањето на ваквите забелешки значи подобар и поквалитетен живот за нашите граѓани, подобра перспектива посебно за младите кои се иднината на нашата земја и основата на која се базира функционирањето на нашата држава во иднина. Но тука, мора исто така да сме искрени, бидејќи Република Северна Македонија не е никаков исклучок, па според зборовите на Владимир Дробњак, главниот преговарач на Хрватска кој сега е советник на нашата Влада, административниот капацитет и во примерот на Хрватска слично како и кај нас, бил низок при почетокот на преговорите и истиот тековно бил подобруван и покрај високиот одлив на административни службеници што исто така се случува во текот на преговорите.

Во голема мера ќе имаме подобрување на оценките од страна на Европската комисија после усвојувањето на новата легислатива преку носењето на новиот Закон за работни односи кој до крајот на 2022 очекувам да биде поставен на ЕНЕР, како и новиот Закон за заштита на потрошувачите кој од неодамна стапи во сила.

Со носењето и почетокот на имплементација на овие два важни системски закони, голем дел од пречките во секојдневното функционирање на нашите компании како и на граѓаните ќе бидат отстранети. Ова особено важи за компаниите кои имаат потреба од вработување на лица кои доаѓаат од странство, со акцент на оние кои имаат специфични професии и стручност кои воопшто не може да се најдат на нашиот пазар на труд. Новиот Закон за работни односи исто така е значаен и за подобрување на условите во нашата држава на планот на мобилност на работната сила, со поедноставени процедури за користење на можностите за доквалификација и преквалификација на работниците.

Со Законот за заштита на потрошувачите покрај целосното усогласување со ЕУ регулативата посебно сакам да го истакнам делот од законот со кој ќе бидат спречени штетните трговски практики, со што го стеснуваме маневарскиот простор за трговците кои, посебно овој период на неколку кризи една по друга, искористија можност да дојдат до екстра заработувачка или за подобрување на сопствените позиции на домашниот пазар. Тоа секако за нас како социјалдемократска Влада е тотално неприфатливо и оваа пракса длабоко верувам дека ќе биде сузбиена со носењето на новото законско решение.

Во однос на подобрување на конкурентноста, главните забелешки на Европската комисија се поврзани со имплементација на регистарот за државна помош, кој е во директна надлежност на мојот кабинет и тука можам да истакнам дека поставувањето на еден комплетно нов менаџмент информациски систем, веќе започна со имплементација на проект финансиран од страна на Светска Банка и истиот преку еден сеопфатен процес на едно место ќе има евиденција на сите средства кои се исплаќаат од буџетот кон сите правни и физички лица по било кој основ. Ќе се овозможи оценување на ефикасноста и ефективноста на државната помош.  Со овој менаџмент систем ние на едно место ќе ги имаме податоците од 11 институции, со целосна отвореност кон јавноста, што ќе придонесе кон поголема отчетност и транспарентност. Воспоставувањето на еден ваков менаџмент систем, истовремено ќе ја зголеми ефикасноста и ефективноста на нашата администрација.“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*