Бочварски: Потребно е регионално поврзување и модернизација на железницата на Западен Балкан

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска се обрати на Првиот состанок на мрежата на компании за железничка инфраструктура од Западен Балкан, во организација на Секретаријатот на Транспортната заедница.

Целта на серијата состаноци е да се разгледаат можностите за регионално поврзување и унапредување на железничкиот систем во државите од Западен Балкан.

Во продолжение интегралното обраќање на министерот Бочварски:

„Дозволете ми најпрво да Ве поздравам и да Ви посакам успешна средба и пријатен престој во Скопје, Република Северна Македонија.

Посебно сакам да се заблагодарам на Секретаријатот за одличната организација на оваа средба и воопшто на напорите во насока на подобрување на состојбите во транспортниот сектор во регионот.

Денешното присуство на управителите на претпријатијата за железничката инфраструктура претставува силна потврда за посветеноста и јасен сигнал дека железничката инфраструктура и состојбата со железничката мрежа е врвен приоритет на земјите од Западен Балкан.

Во последната деценија, Владите во регионот посветуваа внимание на развојот на железницата и железничкиот систем. Тоа е неоспорен факт.

И покрај тоа што реформите во железничкиот сектор се долги, сепак овој процес е повеќе од неопходен. Секоја од земјите несомнено прави напори за напредок и тоа ќе биде видливо во наредниот период.

Ќе се согласите со мене, наша заедничка цел е железничкиот транспорт да биде подеднакво значаен и развиен како и во земјите на Европската Унија и да биде признат и препознаен како безбеден, побрз и еколошки транспорт.

Работиме напорно сите заедно и Ве уверувам дека ќе продолжиме континуирано да го градиме железничкиот систем и да даваме регионален аспект на развој на овој транспорт.

Накратко би сакал да се осврнам на состојбата во Република Северна Македонија.

Двата Коридори, 8 и 10 кои поминуваат на територијата на Република Северна Македонија, ја прават земјата важна крстосница во регионот.

Коридорот 10, е главната артерија по која се одвива транзитниот желенички транспорт. Податоците покажуваат дека околу 80-90% од стоковиот превоз се извршува токму по овој Коридор. За таа цел, во изминатиот период направивме ремонт на две делници и тоа од Табановце до Куманово, Миравци – Смоквица, а во тек е ремонт на околу 30 км од делницата Ногаевци – Неготино.

Со овие ремонтирани делници на Коридорот 10 ја зголемивме брзината и капацитетот на пругата за побрз и поефикасен транспорт.

Коридорот е електрифициран, со што се промовира и одржлив развој преку минимизација на негативните ефекти од транспортот врз животната средина како и подобрување на безбедноста на сообраќајот. На оваа железничка линија брзината на возовите достигнува до 120 км/ч.

Во однос на доизградбата на железничките делници на Коридорот 8, сакам да ја потенцирам политичката определба на оваа Влада, но и заедничката посветеност на Република Северна Македонија, Бугарија и Албанија, преку потишаните Меморандуми за соработка и реализација на проектите долж овој Коридор.

Токму за Коридор 8, силно сме фокусирани на неговата доизградба. Би сакал да информирам дека во завршна фаза на постапка е избор на изведувачи на делниците Куманово-Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка на источниот крак на овој коридор, во должина од 65 километри. Очекувам дека оваа пролет ќе започнеме со градба на овие две делници и во рок од 36 месеци да ги завршиме и да ги ставиме во употреба.

Во однос на третата делница од Крива Палнака до Деве Баир, граница со Република Бугарија, би сакал да потенцирам дека тендерската документација за избор на изведувач и надзорен инженер се во финална фаза. Очекувам дека следната година ќе се склучат договорите и ќе отпочне изградбата на оваа трета и најтешка делница на Коридорот 8.

Според нашата национална стратегија, очекуваме источниот дел од Коридор 8 да биде завршен 2027 година и да имаме оперативна пруга со Република Бугарија. Вкупните инвестиции само за овој дел изнесуваат преку 620 милиони евра.

Подготвени сме да изградиме 36 тунели и преку 80 мостови за транспоротот, заекономијата и за иднината на целиот регион. Ваква подготвеност несомнено постои и кај Бугарија, Албанија, Србија и кај останатите земји од регионот.

Во однос на активностите со Република Бугарија, кон крајот на јануари оваа година остварена е првата средба на Министерската работна група, каде јас и мојот колега од Република Бугарија ги зацртавме нашите следни активности.

Веќе утре во Софија се одржува втората Министерска средба каде со исто темпо и ентузијазам ќе продолжиме да разговараме за изградба на подобри конекции со посебен аспект на зацврстување на економските врски и потецијалите што ги нуди железничкиот транспорт на Исток.

Соработката со Република Албанија во контекст на завршување на Коридорот 8 на западниот дел е исто така на високо ниво. Започнати се преговори со меѓународни финансиски институции за заокружување на финансиската конструкција од преку 500 милиони евра за доизградба на овој дел во должина од околу 70 километри.

Со цел зајакнување на досегашната соработка со другите земји во однос на активностите поврзани со проекти од заедничка важност, би сакам да истакнам дека сме во постојана комуникација во насока на регионалното поврзување и олеснување на транспортот преку one stop shop. Таков е примерот со Република Србија, Република Бугарија и Република Косово, каде заедно работиме на изградба на заеднички железнички станици.

Бенефитите од железничкиот транспорт се неколкукратни и затоа сите ние треба да продолжиме да работиме на модернизација преку заеднички проекти. Тука се нашите партнери од ЕУ и верувам дека силно ќе не поддржуваат како и до сега во развој на Железницата.

На крај, сакам да ви посакам успешна конференција, да ги согледаме недостатоците, но и позитивните примери на развој и унапредување на железничката инфраструктура и комплетно железничкиот систем се со цел да постигнеме кохезија со системот на ЕУ.“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*