„Северна Македонија ќе добие соларен парк, кој ќе биде еден од најголемите во Европа со капацитет за производство на електрична енергија од 360 до 400 мегавати (MW). Станува збор за директна француска гринфилд инвестиција најголема во овој домен, за македонската економија. Соларниот парк „Стипион“ ќе се гради во текот на 2022 година на локацијата која беше предвидена за изградба на карго аеродромот во Штип на површина од 452 хектари“, рече премиерот Зоран Заев на денешната промоција на инвестицијата во присуство на амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер, како и претставници на менаџментот на француската компанија „Акио Енерџи“.
„Инвестицијата е директна придобивка од реформите во енергетскиот сектор спроведени токму од оваа Влада. Овде пред се би сакал да го потенцирам донесувањето на Законот за енергетика комплетно усогласен со европските директиви, донесувањето на Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година базирана на политиката на ЕУ за енергија и клима, како и Законот за стратешки инвестиции. „Акио Енерџи“ со изградба на Соларниот Парк „Стипион“, како и германската „Ви-Пи-Ди“ која вложува во новиот ветерен парк „Вирови“, ќе дадат нов стимул на нашата економија, со ангажирање на домашна работна сила, млади кадри кои својата иднина ја гледаат во ваквите современи компании. Оваа Влада како ниедна до сега вложува во енергетиката и направи амбиент за инвестиции во обновливи извори на енергија и користење на природните ресурси, сонцето, ветерот, водата – за производство на електрична енергија. Вложувањето во енергетиката над 30 години беше занемарено, а инвестициите сведени на минимум“, рече Заев и додаде дека во моментот во фаза на градба се фотонапонски електрани преку принципот на поддршка со премиум тарифи со инсталиран капацитет од 60 MW, дел од нив се пуштени во употреба, изградена е првата и најголема фотонапонска електрана од страна од ЕСМ со инсталиран капацитет од 10 MW и наредната година ќе започнат со изградба двете електрани од по 50 MW во Осломеј, или вкупно 170 MW што е за 10 пати повеќе од 17-те мегавати изградени во претходните 26 години.
Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција истакна дека оваа инвестицијата е најголемата француска инвестиција во земјата во последните петнаесетина години и додаде дека како што е информиран и Претседателот на Владата, десетина француски компании, секоја од нив меѓународно позната, во моментот работат на своето позиционирање на македонскиот пазар.
„Овој соларен парк ќе биде најголемиот кој досега е изграден во овој регион од Западниот Балкан. Оваа инвестиција исто така има големо стратешко значење, бидејќи ќе придонесе да се зајакне енергетската независност на Северна Македонија, истовремено помагајќи ѝ на земјата да го изоди својот амбициозен европски пат за намалување на емисиите на јаглероден диоксид.
Непосредната соработка меѓу нашите две земји малку загуби на интензитет во последните години, а нашите односи веќе не беа на висина на којашто требаше да бидат. Сега работите се менуваат. Благодарение на личната посветеност, на највисоко државно и владино ниво, во секоја од нашите две земји, билатералните политички односи добија на интензитет, на доверба и на суштина. Претседателот на Владата во јуни минатата година беше во посета на Париз, на историска средба со Претседателот на Република Франција. Ги поканувам сите уште еднаш да ги слушнат изјавите за јавноста дадени во таа пригода од страна на нашите двајца лидери. Претседателот на Франција тогаш кажа и постојано повторува дека Франција посакува пристапните преговори да започнат без одлагање, затоа што Северна Македонија, Господине Претседател на Владата, постигна извонреден напредок и го заслужува тоа. Франција прави напори, на највисоко ниво, за да се постигне тој резултат и тоа сега може сите да го видат. Оваа заложба е доказ и за стратешката визија која ја споделуваат нашите две влади, во полза на стабилноста на регионот на Западен Балкан“, рече Бомгартнер во своето обраќање.
Ерик Ското, претседател на компанијата „Акио Енерџи“ од Франција истакна дека проценетата инвестиција се очекува да биде околу 270 милиони евра во пределот на општините Штип и Свети Николе.
„Голема чест е за „Акио Eнерџи“ што го помина процесот на селекција и што му беше доделен статус на стратешка инвестиција. Ова е всушност уште една демонстрација на силната врска меѓу Северна Македонија и Франција, почестени сме што ја претставуваме француската инвестиција во вашата земја. Ќе работиме со сите релевантни чинители за да го изградиме најдобриот соларен проект на услуга на вашите граѓани. Како резултат на оваа инвестиција во земјава се инјектираат 620 GWh чиста енергија, заштедени се 380.000 тони CO2 годишно, а ќе се обезбедат над 94.000 домаќинства со чиста енергија. Дополнително креираме вработувања за локалното население“, рече Ското и додаде дека одлуката за инвестиции во зелената енергија е навистина пат кој треба да го следат сите земји на ЕУ и се надевам дека што побрзо ќе бидете во тоа семејство.
„Акио Енерџи“ основана е во 2007 година и е водечка компанија за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија во Франција. Располагаат со портфолио од над 1.100 MW на електрани од обновливи извори, главно фотонапонски електрани низ целиот свет.
Преземете ја презентацијата на „Акио Енерџи“ на англиски јазик.