Шахпаска: Само со системски и заеднички пристап ќе ставиме крај на молкот

„Во едно општество ќе имаме успешна приказна за  справување со насилството врз жените и девојчињата и родовото базирано насилство само доколку сите алки од синџирот на координираната борба против насилството, подеднакво го даваат својот придонес“, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната панел-дискусија „Истанбулската конвенција и новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените – што ќе се промени во пристапот за спечување и заштита од насилство врз жените?“, во организација на канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА во соработка со Британската амбасада.

„Постојано треба да се спроведуваат општествени кампањи преку кои ќе  се јакне јавната свест за препознавање на насилството во дел од средините каде владеат традиционалните стереотипи, семејната традиција како воспоставена пракса на однесување и на нерамномерна распределба на моќта во семејството  кое треба се преточи во координирана активност и тимска работа, пред се на МТСП и МВР кои се наоѓаат на првата фронтовска  линија каде што жртвите го пријавуваат насилството. И тука е неопходно да се продолжи со обуки кои ќе овозможат создавање на професионалци внатре во МВР но и во Центрите за социјална работа кои точно специјализирано ќе се занимаваат со прашањето од сферата на родово базираното, насилство,  односно генерално со насилството како врз жените така и врз девојчињата“, рече министерката Шахпаска.

На панел дискусијата на која свои обраќања имаа сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска, британската амбасадорка Рејчел Галовеј, шефот за соработка на Делегацијта на ЕУ во Република Северна Македонија Стефен Худолини и постојаниот координатор на ОН  Росана Дуџак, министерката посочи дека со новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство со кој првпат се воведува постапување на институциите со должно внимание“, се овозможува интегриран мултисекторски и мултидисциплинарен одговор во справувањето со насилството, што претставува солидна основа за исполнување на стандардите од Истанбулската конвенција.

Таа информираше дека веќе се воспоставени специјализирани сервиси за жртви и дека 13 од нив се Центри за жртви на семејно насилство и родово базирано насилство, три кризни Центри за жртви на сексуално насилство, 10 специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство и осум нови специјализирани советувалишта за психо-социјален третман за сторители на семејно насилство.

„Услугите кои ги добиваат згрижените жртви опфаќаат заштита, поддршка на правaта, безбедноста и добросостојбата на жените и девојките жртви на насилство. Тие добиваат и безбедно сместување, советување и обезбедување информации за своите права.  Дополнително се работи на економското јакнење на жртвата. Целта е за време на престојот од три до максимум 12 месеци во Центрите за згрижување на жртвите, да се овозможи нивно активно вклучување на пазарот на трудот, имајќи го во предвид фактот дека економската зависност е таа што доведува да жртвата повторно се врати под исти кров на насилникот и повторно да биде изложена на нови обиди на вршење на насилство“ рече министерката Шахпаска.

Согласно Законот  за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство Владата формираше Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство, кое е надлежно и за политиките од областа на родово-базирано насилството врз жените и семејното насилство.

„Кога ќе се направи таа мрежа помеѓу Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, за правда, за образование и наука, за внатрешни работи, потоа претставници од Собранието и останати членови кои всушност го сочинуваат Националното координативно тело, значително се намалува времето за решавање на проблемите поврзани за семејното насилство. Се спречува лутањето на жртвите по институции, затоа што ова тело всушност нуди сеопфатна помош и поддршка. Токму тоа што на жртвата ѝ треба. Факт е дека пред нас имаме уште работа, пред сè во унапредувањето на услугите, мулти секторскиот пристап, раната детекција, како и подигнувањето на свеста кај жените дека пријавувањето на насилството е многу важно. Само заедно, обединети, можеме да ставиме крај на молкот и да се избориме со семејното насилство и насилството врз жените и девојките“, рече Шахпаска.

Со проектот „Поддршка на имплементација на Национален акциски план за Истанбулска конвенција“, финансиран од Холандска амбасада, реализирани се  Обуки за обучувачи за програмата за родово базирано насилство и за даватели на специјализирани услуги за жртвите.

Поради Ковид пандемијата, со оглед на тоа што жртвата подолго време останува затворена со насилникот во домот, МТСП заедно со UNDP ја креираа првата мобилна апликацијата за помош и поддршка на жртвите на насилство  „Биди безбедна”, достапна на македонски, албански и ромски јазик.

Панел-дискусија „Истанбулската конвенција и новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените – што ќе се промени во пристапот за спречување и заштита од насилство врз жените?” Панел-дискусијата го означи почетокот на проектот „Спречување и заштита од родово базирано насилство во Северна Македонија”,  во рамки на  овогодишната кампања „16 дена активизам против насилство врз жени и девојчиња – Обој го светот портокалово: крај на насилството врз жените СЕГА!”

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*