Заев на средбата со секретарот на Фондацијата „Небрегово“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев го прими секретарот на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, Атанас Конески.

Атанас Конески на средбата, во име на фондацијата „Небрегово“, на премиерот Заев му врачи плакета и признание како изрази на благодарност за неговата лична посветеност во поддршката на активностите на фондацијата за афирмација на животот и делото на Блаже Конески и за реализација на активностите за таа цел кои што се вклучени во Националната програма за одбележување на 100 годишнината од раѓањето на Конески.

Секретарот на Фондацијата „Небрегово“ Атанас Конески на премиерот Заев му ги врачи и изданијата на фондацијата предвидени со програмата, меѓу кои централно место имаат изданијата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, што е всушност реиздание на истоименото дело на академик Конески објавено во 1948 година, потоа репринтот на публикацијата „Граматичарот Конески“ по повод 65-годишнината од првото издание на граматиката на академик Конески, како и книгите „Конески инспирира и мотивира“, и „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“, од Блаже Конески.

Премиерот Заев на средбата истакна дека Владата на Северна Македонија, заедно со Министерството за култура останува целосно посветена на реализацијата на севкупната програма за одбележување на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески.

„Блаже Конески со своето дело ги задолжи сите генерации да го чествуваат неговиот придонес за македонскиот јазик, неговото останато научно дело, неговата поезија, неговата културна и национална мисија, кои ги претставуваат највисоките и највозвишените богатства на македонскиот и на другите народи во земјата“, рече на средбата премиерот Заев, и додаде дека научното и литературното дело што Конески го остави зад себе засекогаш ќе ги исполнува со љубов и љубопитство, со постојан интерес за истражување на сегашните и идните поколенија научници, поети, и најважно од сѐ вљубениците во вистината и литературата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*